По вакцинирањето против Ковид-19 потребно е време да се изгради имунолошки одговор

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Дури и кога ќе примите вакцина, потребно е време за вашето тело да изгради имунолошки одговор што ќе ве заштити, поради што лекарите ги повикуваат луѓето да се придржуваат до превентивни мерки дури и по вакцинирањето.

Повеќето вакцини за коронавирус се даваат во две дози, обично во период од три до четири недели, за да се зголемат нивоата на антитела и да се зголеми вашата заштита. Целата постапка обично трае околу 28 дена и завршува наскоро откако ќе ја добиете втората доза.

Значи, треба да бидете целосно заштитени од Ковид-19 во рок од околу еден месец.

„Кога ја примате вакцината, обично постои временски период помеѓу приемот на вакцината и заштитата од вирусот. Ова е времето што му треба на вашиот имунолошки систем да одговори на новиот антиген и да развие меморија“, рече Ониема Огбуагу, доктор за заразни болести на Јеил школата за Медицина, која го водеше истражувањето на вакцината „Фајзер“, пренесува „Хаф Пост“.

Ако прескокнете единечна доза од вакцината, нема да бидете целосно заштитени и може да се заразите. Покрај тоа, различни фактори влијаат на тоа колку брзо имунолошкиот систем на една личност реагира на вакцината.

Ото Јанг, професор по медицина на одделот за инфективни болести и микробиологија, имунологија и молекуларна генетика, истакнува дека возраста е еден од тие фактори.

Здравствени состојби што се закануваат на имунитетот, како што е ХИВ, исто така, можат да влијаат на тоа колку брзо и ефикасно телото на една личност гради имунитет по вакцинацијата.

Професор Јанг посочува дека е од клучно значење доволно луѓе да се вакцинираат против Ковид-19 за да бидат имуни на вирусот. Но, сè додека не се постигне сето тоа, потребно е да се продолжи со придржувањето кон пропишаните епидемиолошки мерки.