По жестоките руски напади, прекини на струјата во цела Украина

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Украинската енергетска компанија „Укренерго“ во понеделник предупреди дека ќе има прекини во целата земја поради новите руски напади врз електроенергетскиот систем.

„Поради последиците од ракетниот истрел (…) во сите делови на Украина, се воведуваат вонредни прекини на струја со цел да се одржи рамнотежата меѓу производството и потрошувачката. Електрична енергија главно ќе се обезбедува за важната инфраструктура“, објави „Укренерго“ на „Телеграм“.

„Ситуацијата е тешка, но е под контрола“, додаде „Укренерго“, додека силите на Киев објавија дека уништиле повеќе од 60 од седумдесетте ракети истрелани од Русите.

Сепак, „некои електрани нема да можат да работат со полн капацитет некое време“, според дистрибутерот. „Со дополнително опаѓање на температурата под нулата во следните 24 часа, тоа ќе предизвика дефицит на електрична енергија во системот“.

Во тек се итни поправки, наведува „Укренерго“.

Руската војска призна дека „извршила масовен воздушен напад со високопрецизно оружје“ во понеделникот околу 13:00 часот по средноевропско време врз украинските воени објекти и врз енергетската инфраструктура поврзана со војската.

Откако претрпе големи порази во она што стана најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, Русија почна да ја уништува енергетската инфраструктура на Украина во октомври, предизвикувајќи прекини на струја.

Во петокот, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските напади врз украинската инфраструктура се „неизбежни“.