Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави дека убедливата победа од 4:1 против Баерн Минхен во Лигата на шампионите ќе им даде голема самодоверба на играчите пред долгоочекуваното саботно „Ел Класико“ против големиот ривал Реал Мадрид.
Поранешниот тренер на Баерн додаде дека е среќен што и помогнал на Барселона да стави крај на речиси една деценија без успех против германскиот тим на најголемиот тест во сезоната досега и дека неговата екипа е подготвена да патува во шпанската престолнина и да се соочи со Реал.
„Оваа победа е неверојатна. Баерн е прекрасен тим со фантастични играчи кои знаат да играат многу добро. И секако, ако победиш на ваков натпревар, мора да славиш. Оваа победа ни дава самодоверба да веруваме во нашите способности за натпреварот во сабота“, изјави Флик по средбата.
„Со нивото што го покажува нашиот тим, можеме да постигнеме големи работи. Игравме многу храбро и затоа сум многу среќен. Тимот сака да учи и ќе учиме од работите што не ги направивме добро. Имаме еден ден помалку од Реал Мадрид за да се подготвиме за „Ел Класико“, но сите сакаат да играат на овој натпревар, ќе се подготвиме добро и ќе бидеме подготвени“, додаде тој.
Статистиката во натпреварите меѓу двата тима останува целосно во корист на Баерн. Баварците загубија само три од вкупно 16 средби против овој противник, победувајќи на секоја од претходните шест. Во оваа серија е вклучен и историскиот триумф од 8:2 во 2020 година под водство на Флик.
Неверојатната победа на „каталонците“ беше остварена благодарение на капитенот Рафиња, кој постигна „хет-трик“. Тренерот го пофали напаѓачот не само за уште една извонредна изведба, туку и за неговиот стил на водство.
„Рафиња е добар пример за тоа како еден играч може да влијае на цел тим. Тој секогаш има добар став на тренинзите и на натпреварите. Тој е многу важен за нас, исто така поради притисок што го носи при контранападите. А исто така и поради начинот на кој се подготвува да постигне гол, има добра динамика со топката и одигра неверојатен натпревар“, додаде Флик.