Почетино блиску до отказ?

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Маурисио Почетино е во сериозна опасност да ја загуби работата во Челси само седум месеци по неговото назначување на „Стемфорд Бриџ“. По вчерашниот пораз од Вулверхемптон, кој беше десетти за тимот во Премиер лигата од почетокот на сезоната, расположението против Аргентинецот се засили и според некои информации на Островот, управата на клубот веќе го губи трпението со него.

Има сугестии дека доколку Челси го загуби следниот натпревар, кој е реприза со Астон Вила во осминафиналето на ФА Купот, Почетино би можел да добие отказ. Натпреварот е на „Вила Парк“ и се очекува да биде многу тежок за „сините“, бидејќи Астон Вила е исклучително силен домаќин, а тимот на Унаи Емери изгледа во многу подобра форма.

Се шпекулира дека на „Стемфорд Бриџ“ веќе се размислува за потенцијални замени. „Дејли експрес“ наведува пет потенцијални кандидати за оваа функција. Тоа се тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, кој е фаворит за наследник на Јирген Клоп во Ливерпул, Жозе Мурињо, кој моментално е без работа откако доби отказ од Рома, Чави Ернандез, кој најави дека ќе ја напушти Барселона по крајот на кампањата, менаџерот на Брентфорд, Томас Франк и Мишел Санчез, кој моментално е на чело на сензацијата во Ла Лига, Жирона.

Секако, поголемиот дел од споменатите стручњаци, со исклучок на Мурињо, не можат да бидат назначени во моментов, а можеби и по крајот на сезоната, доколку воопшто бидат убедени. Ова значи дека ако бордот на Челси одлучи да го отпушти Почетино сега, можеби ќе треба да назначи привремен менаџер до крајот на кампањата. Таа улога би можел да ја преземе клупската легенда Џон Тери, кој моментално е тренер во академијата на Челси.

Во меѓувреме, Маурицио Почетино планира тактичка промена откако неговиот тим прими осум гола само во последните два натпревари. Според „Лондон Ивнинг Стандард“, Аргентинецот планира да се префрли на формација со три бекови.

Слични содржини