Тренерот на Пари Сент Жермен, Маурисио Почетино, изјави дека не е лесно да се тренира клуб со најдобрите играчи во светот, бидејќи мора да се грижи и за нивните емоции и за луѓето од нивната околина.
„Мораме да се справиме со нивните емоции, нивното однесување не е права линија. Има подеми и падови, едниот е среќен, другиот не е, едниот е во форма, другиот не е. Најважната задача на стручниот штаб е да балансира меѓу нивните расположенија“, изјави Почетино за „Л’Екип“ и додаде: „Не смееме да заборавиме дека во наши раце ги имаме најдобрите играчи во светот, но и нивните семејства, нивната медиумска покриеност. Не е лесно“.
Со напад во кој очекувањата за Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе се различни отколку во некои други клубови, се бара успех и тоа веднаш, додаде тој.
„Тренерскиот штаб не е тука да работи на проектот, не прашуваат што сакаме и што ни треба за да ги реализираме нашите идеи. Тука сме да се адаптираме и да освојуваме трофеи, Лигата на шампионите, домашното првенство, Купот…од нас се бара да победуваме“, изјави Почетино.