На 98-годишна возраст вчера почина академик Јордан Поп-Јорданов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Погребот на академик Поп-Јорданов ќе се изврши денеска во 12 часот на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите в петок, на 15 март 2024 година, ќе одржи Комеморативна седница во 12 часот.
Акададемик Јордан Поп-Јорданов (1925 – 2024) е роден во Велико Градиште, Србија, на 23 ноември 1925 година. Гимназија завршил во Штип. Во 1956 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (средна оценка 9,94), а во 1960 година техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград (средна оценка 9,32). Докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1964 година. Бил на стручно усовршување во Англија, Советскиот Сојуз и Швајцарија. Од 1960 год. работи во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча во повеќе научни звања и раководи со група млади научни работници. Во 1971 година преминува на Електротехничкиот факултет на Белградскиот универзитет, каде останува како редовен професор сé до крајот на 1983 година, кога се враќа во Скопје.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 25 декември 1969 на првото редовно изборно собрание, а за редовен член на 26 декември 1974 година. Во периодот од 1984 до 1991 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите.