На 58-годишна возраст во Еквадор почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, потврдиле од неговото семејство. Поп-Христов се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓаше во Скопје, последната година и половина ја поминал во Еквадор.
Кили беше мултиталентиран уметник и еден од најдобрите македонски современи актери. Тој зад себе остави низ впечатливи улоги кои ќе се паметат – во „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-от век“ „Панкот не е мртов“, а оствари и блескави театарски улоги во „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“, „Ослободување на Скопје“… Забележливи се и неговите улоги во телевизиската продукција: „Трст виа Скопје“, „Бумбари“, „Досие Скопје“…
Во 2015 година откри дека поради борбата со рак се преселил во Еквадор. Боледуваше од рак на долгите коски и подолг период се лекуваше, меѓу другото, и со масло од канабис.