Еден од најголемите боксери на сите времиња, олимписки шампион и двократен светски шампион во тешка категорија, Џорџ Форман, почина на 76-годишна возраст. Иако официјално не е објавена причината за неговата смрт, семејството ја потврди оваа тажна вест.
„Нашите срца се скршени. Со голема тага ја информираме јавноста дека нашиот сакан Џорџ Форман постариот почина. Почина мирно, опкружен со своите најблиски“, стои на објават преку Инстаграм.
Форман ја започна својата кариера со златниот медал на Олимписките игри во 1968 година, кога триумфираше на импресивен начин во Мексико, а сцената во која го носи американското знаме стана еден од најнезаборавните моменти во историјата на спортот.
После тоа, тој се префрли во професионалниот бокс, а во 1973 година стана светски шампион во тешка категорија, победувајќи го тогашниот миленик Џо Фрејзер на Јамајка. Тој двапати успешно ја одбрани титулата, за потоа да претрпи пораз во легендарниот судир против Мухамед Али, познат како Rumble in the Jungle во Конго.
Иако во тоа време се чинеше дека неговиот подем е завршен, Форман се врати на боксерскиот трон во 1994 година, освојувајќи го појасот во тешка категорија на 45-годишна возраст, со што стана најстариот светски шампион во историјата на боксот.
Покрај тоа што беше исклучителен боксер, Џорџ Форман беше и проповедник, а значителен финансиски успех постигна преку продажба на електрична скара што го носи неговото име, заработувајќи стотици милиони долари.
Зад себе остави 12 деца од петте брака.