Францускиот крајнодесничарски политичар Жан-Мари Ле Пен почина на 96 години, објави неговото семејство. Ле Пен ја основал партијата Национален фронт во 1972, што неговата ќерка Марин ја трансформираше во поумерената верзија Национален собир и во една од водечките француски политички сили.
Тој успеа да влезе во вториот круг на претседателските избори во Франција во 2002, кога изгуби од Жак Ширак.
„Жан-Мари секогаш ѝ служел на Франција и ги бранел нејзините идентитет и суверенитет“, изјави Жордан Бардела, сегашниот лидер на Националниот собир.
Со децении, Жан-Мари Ле Пен беше најконтроверзната личност во француската политика, ширејќи екстремистички ставови за другите раси и полови и за имиграцијата. Критичарите го сметаа за крајнодесничарски фанатик, а судовите неколкупати го осудуваа за неговите расистички забелешки.
Во 2015 беше исфрлен од сопствената партија откако продолжи да го негира Холокаустот, што, според Марин Ле Пен, беше негов начин да се спаси себеси од заборав.