Валери Перин (82), американска актерка номинирана за Оскар за нејзината улога во биографскиот филм „Лени“ и позната на пошироката публика како госпоѓица Тешмахер во филмот „Супермен“, почина денеска во Беверли Хилс, пишува „Вариети“. Актерката со години се бореше со Паркинсонова болест, а веста за нејзината смрт ја објави нејзината пријателка Стејси Саутер на Фејсбук.
„Со длабока тага објавувам дека Валери нè напушти. Таа се справуваше со Паркинсоновата болест со неверојатна храброст и достоинство. Светот без неа е помалку убав“, напишала Саутер, со линк до кампања на GoFundMe за покривање на трошоците за погребот. Перин сакала да биде погребана на гробиштата Форест Лоун, а по долга борба со болеста, била финансиски исцрпена.
View this post on Instagram
Валери Перин е родена во Галвестон, Тексас. Пред актерската кариера, работела како танчарка во Лас Вегас, а во филмскиот свет влегла во 1972 година, дебитирајќи во адаптацијата на романот на Курт Вонегут „Кланица пет“. Вистинскиот пробив била улогата на Хани Брус во филмот „Лени“ (1974) со Дастин Хофман, за кој била номинирана за Оскар.
Најголема популарност добила со улогата на Ева Тешмахер, асистентката и девојка на негативецот Лекс Лутор, во филмовите „Супермен“ (1978) и „Супермен 2“. Во една значајна сцена, тој го спасува Супермен од сигурна смрт предизвикана од криптонит.
Перин е позната и по контроверзните изведби: таа беше првата актерка што намерно се појави гола на американската телевизија во 1973 година во шоуто „Steambath“. Таа се појави и на насловните страници на „Плејбој“ во 1972 и 1981 година.
По нејзиниот успех со „Лени“ и „Супермен“, таа глумеше во серија филмови, вклучувајќи ги „В.Ц. Филдс и јас“ (1976), „Електричниот коњаник“ (1979) и „Не може да се запре музиката“ (1980). Во текот на 1980-тите и 1990-тите, таа изведуваше телевизиски улоги, а нејзината последна изведба беше во филмот „Сребрено небо“ во 2014 година.

Фото: Flickr