Масовниот убиец од Цетиње, Ацо Мартиновиќ починал при транспорт кон болница, соопшти доцна синоќа црногорскиот министер Данило Шарановиќ. Како што изјавил во своето обраќање, убиецот се застрелал кога сфатил дека е опкружен од полициските сили, по што починал на пат кон Клиничкиот центар на Црна Гора.
Тој информирал дека полициската акција во потрага по Мартиновиќ била успешно спроведена.
В.Д. директорот на полициската управа Лазар Шќепановиќ изјавил дека Мартиновиќ се наоѓал во населбата Хумци во Цетиње и дека починал од тешки повреди на главата.
Истакнал дека не е познат мотивот за масовните убиства, а дел од жртвите се негови пријатели и кумови.
-Повредените се во стабилна состојба, истакнал Шќепановиќ. Потенцирал дека со резерва треба да се земе информацијата дека во Цетиње имало 12 жртви и да не се шпекулира со бројот на жртви.
-Бидете сигурни дека Владата на Црна Гора од утре ќе претстави план за итни мерки, бидејќи како општество не смееме да дозволиме поединци да ги одземаат животите не само на други луѓе, туку и на членови на нивните семејства на таков брутален начин, изјавил министерот Шарановиќ.
Според последните официјални информации, најмалку 10 лица загинаа во масовното пукање, додека лекарите од Клиничкиот центар во Подгорица во моментов се борат за животите на уште четири жители од Цетиње. Тој го убил сопственикот на кафеаната во Цетиње каде што претходно бил, но и две деца и членови на неговото семејство.