Поранешниот центар на НБА, Оливер Милер, почина на 54-годишна возраст по борбата со ракот. Во текот на девет сезони во НБА, тој играше за Феникс Санс, Детроит Пистонс, Торонто Репторс, Далас Маверикс, Сакраменто Кингс и Минесота Тимбервулфс.
Милер, познат по прекарот „Големиот О“, е запаметен како најтешкиот играч во историјата на НБА. Кариерата ја започна со 127 килограми, но подоцна неговата тежина надмина 170 килограми, а според Шекил О’Нил, во еден тренинг камп пристигнал со дури 180 килограми. И покрај неговата корпулентна градба, тој беше изненадувачки агилен и имаше добра визија, играјќи 493 натпревари во НБА со просек од 7,4 поени, 5,9 скока, 2,2 асистенции и 1,5 блокади.
Неговиот најголем успех го постигна во 1993 година, кога со Феникс Санс стигна до финалето на НБА, но беше поразен од тимот на Чикаго Булс предводен од Мајкл Џордан.
По кариерата во НБА играше во Европа, Порторико, Кина и пониските американски лиги, а последниот настап во НБА го имаше во 2003 година со Минесота. Кариерата ја заврши во 2010 година.
По пензионирањето имал проблеми со законот – во 2012 година бил осуден на една година затвор за напад и недозволено поседување огнено оружје, откако за време на семејна расправија со пиштол го удрил братот на својата девојка.