Дерматологот Тамара Лазиќ Стругар почина на 44-годишна возраст по долга борба со тешката болест. Ќерката на сплитскиот фотограф Јадран Лазиќ долги години живееше и работеше во Њујорк, каде изгради многу успешна лекарска кариера. Тажната вест ја потврди нејзиниот татко кој рече дека таа починала мирно, опкружена со семејството.
На Тамара во 2022 година ѝ бил дијагностициран рак на дебелото црево, а за својата битка редовно зборувала на социјалните мрежи. На крајот на 2024 година, таа во видео открила дека ѝ се појавиле метастази во црниот дроб и дека бара донор. Лекарите ѝ предложиле трансплантација како една од можностите, но таа на почетокот не сакала да ја прифати.
„Една година не сакав ниту да зборувам за трансплантација, иако лекарите ми предложија. Речиси колабирав при самото спомнување на тој збор. Но, конечно ги послушав и решив да тргнам по тој пат во лекувањето. Слушнав прекрасни приказни за заздравување и долг живот, па подготвена сум за ново поглавје во оваа борба“, изјавила тогаш таа.
Тамара рекла дека има голема поддршка од родителите, сопругот, децата и пријателите. Таа го издвоила својот сопруг, неврохирург од Јејл, кој работел деноноќно за да ѝ обезбеди скапо приватно здравствено осигурување.
„А, покрај сето тоа, тој се грижи за мене и за децата. Не знам како се справува со сето тоа. Тој е неверојатен човек, ангел”, рекла таа.
Таа открила и како разговарала за болеста со децата.
„Децата одлично го поднесуваат тоа. Научив дека најмалку се плашат кога им ја зборувам вистината и ништо не кријам, колку и да е тешка веста. Јас сум целосно отворена со нив и така најдобро функционираме“, заклучила Тамара.