Тинејџер од ромската заедница во Грција денеска почина откако неодамна беше застрелан во главата при полициска потера поради неплатена сметка на бензинска пумпа.
Тинејџерот, чиј идентитет не е соопштен, бил во критична состојба повеќе од една недела на интензивна нега, но и покрај напорите на медицинскиот персонал, тој почина денеска, пренесува АП.
Инцидентот се случил кога тој наводно наполнил пик-ап со гориво и излегол од бензинската пумпа без да ја плати сметката за гориво од 20 евра. За време на полициската потера, тој бил застрелан во главата од полицаец кој го следел на мотор.
Според АП, за време на потерата, тинејџерот се обидел да го забие својот пикап во полициските мотори кои го следеле, а полицаецот кој пукал во него изјавил на суд дека тоа го направил затоа што се плашел за животите на своите колеги.
Полицаецот е суспендиран и од минатата недела е во домашен притвор, каде го чека судење по обвинение за обид за убиство од небрежност со можна умисла, како и за нелегална употреба на огнено оружје.
АП објави дека овој случај доведе до протести на членовите на ромската заедница во Солун, Атина и други делови на Грција, и покрај молбите на претставниците на заедницата и членовите на семејството на починатиот тинејџер да останат смирени.
„Тука сите плачат. Неправедно е едно дете вака да си замине“, изјави секретарот на ромската заедница каде живеел тинејџерот, Андонис Тасиос.