На 57-годишна возраст денеска почина поранешниот директор на Македонски Телеком, Жарко Луковски.
Луковски имаше богато професионално минато. Беше директор на Телеком од 2010 до 2017 година, а претходно има работено во фирми како Ексико, Мобико и Аудас. Од 2006 година, освен директор на Телеком, беше член на Надзорниот одбор на МЕПСО.
Тој беше осомничен во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Базни станици“, бидејќи со искористување на положбата и овластувањето, на ДГ Бетон АД Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра, воедно, на акционерите на Т-мобиле Македонија, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.
Неговото име се споменуваше и во истражувањето на Призма, дека заедно со експомошникот министер во МВР за информатика и телекомуникации, Небојша Стајковиќ, биле дел од сопствеништвото на мистериозната фирма „Ексико“.