„Почна да се гуши на службен пат“: Мистериозно почина уште еден соработник на Путин

од Stefanija Kuzmanovska
260 прегледи

Владимир Николаевич Сунгоркин, главен уредник на про-Кремљ таблоидот „Комсомолскаја Правда“, почина на 68-годишна возраст. Според весникот каде што работел, на Сунгоркин ненадејно му се слошило за време на службено патување, почнал да се гуши и набргу потоа починал.

„Тоа се случи апсолутно ненадејно. Немаше индикации дека тоа ќе се случи. Бевме во селото Рочино. Возевме, веќе бевме на пат кон Хабаровск, планиравме да пристигнеме навечер, а потоа да одиме во Москва. Се беше добро. Владимир Николаевич рече: ‘Дојдете момци, да најдеме некое убаво место, да јадеме’. Сите доброволно ја поддржаа оваа идеја“, изјави заменикот на Сунгоркин, Леонид Захаров, кој беше дел од експедицијата.

Според него, три минути подоцна Сунгоркин почнал да се гуши.

„Го изнесовме на чист воздух, но веќе беше во несвест. Всушност, направивме некој вид на… срцева масажа, вештачко дишење… ништо не помогна. Докторот кој го направи првиот преглед рече дека сето тоа е бескорисно, се чини дека е мозочен удар. Но, ова е првичен заклучок“, додаде тој.

Според Захаров, телото на Сунгоркин со хеликоптер ќе биде пренесено во Владивосток, а потоа во Москва.

„Комсомолскаја правда“ објави на Телеграм дека Сунгоркин „ненадејно починал“ за време на патувањето за „собирање материјал за книга за големиот пионер на Далечниот Исток, Владимир Арсењев“.

„Путин ќе испрати лична порака“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата зборуваше за смртта на новинарот.

„Ова е голема загуба. Ова е тажна вест. За жал, Сунгоркин почина. Го познававме многу добро“, изјави Песков за новинарите и додаде дека „Владимир Путин ќе испрати лична порака до пријателите и семејството на Сунгоркин“.

Слични содржини