Почнувајќи од вчера, вакцинацијата против Ковид-19 се спроведува без закажан термин. Здравствените власти се одлучија на ваков чекор со цел да се забрза вакциналниот процес сега, во период кога делта варијантата го зазема приматот во повеќе европски земји.
На вакциналните пунктови во неколкуте скопски поликлиники, каде почна вакцинацијата против корона вирусот без закажување термин, се создадоа гужви од голем број граѓани кои дошле да ја примат првата доза.
Вакцинацијата на децата од 12 до 16 години сепак ќе мора да се закажува на страницата www.vakcinacija.mk, информираше министерот за здравство, Венко Филипче, кој беше во посета на во поликлиниката Шуто Оризари, каде и таму беше отворен вакцинален пункт.
-Ова мора да биде така, бидејќи она што е важно е дека во една вијала на вакцината на Фајзер има шест дози, што значи дека кога ќе се отвори треба да се вакцинираат 6 деца. Затоа е потребно да се направат термини. Родителите ќе може да го направат пријавувањето до четврток, а од петок ќе почне вакцинацијата на младите од 12-до 16 години, рече министерот Филипче.