Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево почна петтата средба на лидерите на четирите најголеми партии во Македонија – Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, во обид да се најде решение за излез од политичката криза во земјава.
Премиерот Груевски е придружуван од шефот на дипломатијата Никола Поповски, Заев од Рената Тренеска Десковска, член на извршен одбор на СДСМ, Ахмети од пратеникот Артан Груби, а Тачи од Имер Алиу, координатор на пратеничката група на ДПА.
И на денешната лидерска средба како набљудувачи присуствуваат амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.
Евроамбасадорот Аиво Орав ќе го презентира извештајот на експертската група на Европската комисија, што ја предводел Рајнхард Прибе. Во извештајот стои дека снимките кои ги објави опозицијата укажуваат на тоа дека прислушувањето најверојатно го правела токму УБК.
Извештајот е полн со забелешки за состојбата со независноста на судството, проблемот со слободата на медиумите и злоупотреби при изборите.
