Почна пријавувањето: Ваучери од 12.000 денари за летување во домашните хотели

од Берта Китинска
382 прегледи

Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за реализација на мерката- организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.

Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да истите ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија.

Според јавниот повик кој денеска е објавен на веб-страната на Министерството за економија оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари.

Повикот ќе трае до 30 јуни и до овој рок сите граѓани кои ги исполнуваат условите, односно немаат приходи повисоки од 30.000 денари ќе може да се пријават и да добијат ваучер.

Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страната на Министерство за економија.

Јавниот повик и конкретните документи кои треба да се достават може да ги најдете на веб-страната на Министерството за економија на следниот линк: https://www.economy.gov.mk/doc/2974

 

Слични содржини