Почна реконструкцијата на булеварот „Македонија“, работите ќе се одвиваат во четири фази

Со почетокот на градежните работи на булеварот „Македонија“, Скопје влегува во нова фаза на сообраќајно растоварување на централното градско подрачје.

од desk4
20 прегледи

Од денеска официјално започнаа градежните активности на булеварот „Македонија“, проект од кој се очекува значително намалување на сообраќајните гужви во централното градско подрачје. Работите ќе се реализираат во четири фази, при што првата фаза има рок на изведба од 90 дена.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски изјави дека проектот, за кој со години се зборува, конечно влегува во фаза на реализација, а веќе следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.

– Денеска сме на стартот на градежните активности на булеварот „Македонија“, со што го правиме првиот од четирите чекори. Рокот за оваа фаза е 90 дена, а од следната недела ја почнуваме тендерската постапка за втората фаза. Нашата цел е веднаш по завршувањето на првата фаза да продолжиме со реализација на втората, истакна Ѓорѓиевски.

Тој изрази надеж дека целосната изградба на булеварот ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот ќе има значајно влијание врз сообраќајната слика во главниот град.

– Планот е амбициозен, како во однос на рокот од 90 дена за оваа фаза, така и во однос на целосното завршување во текот на овој мандат. Сепак, убеден сум дека со ваков пристап и ангажман, скопјани многу скоро ќе добијат значително подобрени услови за движење во центарот на градот, изјави Мицкоски.