Новоформираниот Центар за известување и координирање во СВР Тетово од вчера започна со работа. Во овој центар веќе се примаат сите пријави од граѓаните за најразлични безбедносни настани и појави кои доаѓаат од повикување на бројот 192.

– Центарот за известување и координирање, може да се добие 24 часа, нон-стоп, со вртење, односно бирање на бесплатниот телефонски број 192, по што пријавата се проследува до полициската станица или одделение на чие подрачје е случен настанот што се пријавува. На овој начин, од почеток до крај се коодинираат сите потребни и превземени мерки и активности кои се однесуваат на пријавениот настан – вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
На овој начин, потенцира Јосифоски, граѓаните, каде и да се наоѓаат на тетовско-гостиварското подрачје, во Центарот можат да пријават настан и да не губат време, што е мошне значајно во одредени ситуации. Претходно, на бројот 192 се јавуваа дежурните служби на полициските станици и одделенија на поширокото полошко подрачје.
Целта на отварањето на Центар за известување и координирање на СВР Тетово е брзо и ефикасно примање на пријавите од граѓаните и за нивно професионално расветлување, односно расчистување. Покрај телефонско јавување, безбедносните настани граѓаните непосредно можат да ги пријавуваат и со одење во најблиската станица или одделение./МИА