Почна Централниот одбор на СДСМ, се очекува Нина Ангеловска да биде потврдена за нов министер за финансии

од desk2
181 прегледи

Централниот одбор на СДСМ попладнево ја почна 11-та седница во седиштето на партијата во Скопје. На вечерашната седница се очекува партијата да ја потврди Нина Ангеловска за предлог за нов министер за финансии.

ЦО на владејачката партија се одржува еден ден откако беше приведена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Претходно, во седиштето на партијата се одржа седница и на Извршниот одбор.

Премиерот Зоран Заев, пред почетокот на седницата за ТВ Сител рече дека актуелните случувања ќе бидат на дневниот ред на Централниот одбор на СДСМ.

На прашање дали ќе има одговорност и од функционери на СДСМ, тој посочи дека одговорноста ја утврдуваат истражните органи. За секој што се огрешил пред законот, па дури ако постојат индиции за таа работа, нагласи, ќе побараме политичко оградување од него, секако се додека не си ја докаже својата невиност или му се докаже вина.

На вечерашната седница на ЦО на СДСМ за нов заменик-министер за економија, премиерот Заев ќе го предложи  Кирил Колемишевски, дознава Алсат ТВ. Тој на ова место доаѓа од челната позиција во Македонската банка за поддршка на развојот каде последните пет месеци беше в.д. директор. Актуелниот заменик во ресорот на Крешник Бектеши, Кире Наумов ја напушта функција и заминува на друга позиција.