Во 2024 година, Македонија доби нова Влада, а до крајот на 2025 година треба да видиме промени и во локалната власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје ги започнаа последните месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи. Дел од партиите излегоа со своите кандидати, дел треба да ги обелоденат во наредниот период, a дел порачаа дека ќе настапат со свои кандидати за градоначалници и листи на советници. Од ЛДП во изјава за „Локално“ порачаа дека се подготвуваaт со полн капацитет за претстојните локални избори.
-Во моментов работиме во полна пареа некои општини веќе ја завршија постапката за евидентирање на кандидати, како и конкретна изборна програма со која ќе излеземе пред граѓаните. ЛДП отсекогаш била препознатлива по автентични идеи и прогресивни политики – нешто на што сме особено горди. Една од клучните програмски понуди што ќе ја промовираме е иницијативата за воведување на т.н. „туристички општини“ – концепт налик на индустриските зони, кој ќе овозможи економски развој преку стимулирање на туризмот. Предлагаме одредени региони како Охрид, Крушево, Дојран, Гевгелија, Струга, Маврово и Ростуше да добијат посебен законски статус кој ќе овозможи подобра урбанистичка регулација, локални вработувања, доделување лиценци и целокупно поефикасно управување. Со тоа, би се отвориле нови можности за привлекување туристи, зголемување на приходите и заштита на локалната култура и природа. Предвидуваме и посебна буџетска линија од државниот Буџет наменета исклучиво за развој на овие туристички општини, порача Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Како што посочуваат под водството на претседателката Моника Зајкова, ЛДП се трансформира во модерна либерално-демократска партија која нуди издржани и реални решенија – и тоа ќе се рефлектира и во нашите настапи на локално ниво.

ЛДП
ЛДП потврдува дека планира да настапи со свои кандидати за градоначалници, како и советнички листи низ повеќе општини. Засега не откриваат имиња. Во тек е дефинирање на внатрепартискиот механизам за евидентирање и селекција на кандидати, согласно новиот правилник кој е во изработка.
-Имињата ќе бидат внимателно одбрани, со фокус на капацитет, интегритет и локална поврзаност. ЛДП е партија со докажана традиција на квалитетни кадри на локално ниво. Без разлика дали зборуваме за Ристо Пенов, Стевче Јакимовски или Андреј Жерновски – секогаш сме знаеле да понудиме луѓе кои оставаат резултати. Сега, со новата генерација и новата енергија, ќе понудиме кадарски и програмски силни решенија. Убедени сме дека со вистинските луѓе и со фокусирани, применливи политики, ЛДП има реална шанса да оствари забележителен резултат на локалните избори, додава Јанкоски.
Поранешната пратеничка, Софија Куновска информира дека кружат шпекулации околу нејзина можна кандидатура за градоначалничка на општина Центар на локалните избори наесен. Неодамна порача дека има силен притисок од граѓаните да биде кандидат, но доколку тоа би се случило, вели дека би била независна кандидатура, со оглед на тоа дека од 2016 година го замрзнала своето членство во СДСМ.

Софија Куновска
-Останувам социјалдемократ по убедување, но делувам како независен граѓанин. Не можам да му забранам на никого, рече Куновска во емисијата „Само вистина“ запрашана дали би прифатила доколку одредена партија или коалиција решат да ја поддржат. Сепак, според неофицијални информации на „Локално“, Куновска планира да „трча“ со поддршка од партијата на ЗНАМ. Ја контактиравме екс-пратеничката во обид да добиеме конкретен став, но, до моментот на објавување на текстот, не добивме одговор.
Освен Центар, голема битка ќе се води и во скопската општина Карпош. Таму актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски се уште размислува дали ќе оди по нов мандат, но од друга страна, како што вели, не може на чело на општината да биде кој било. Иако на минатите избори, ВМРО-ДПМНЕ излезе со поддршка токму за актуелниот градоначалник, партијата сега ќе излезе со свој кандидат.

Сотир Лукровски
Како што дознава „Локално“ од неофицијални информации, Сотир Лукровски ќе биде кандидат за градоначалник од редовите на најголемата владеачка партија на централно ниво. Лукровски е координатор на Здруженијата на Македонците со егејско потекло. Побаравме конкретен став и од Лукровски, но, до моментот на објавување на текстот, не добивме одговор.
Од СДСМ порачаа дека партнерите за локалните избори ќе ги бараат преку начин на соработка во насока на остварување на програмата, како и преку взаемно почитување на политичките субјекти. Сигурни кандидати се актуелните градоначалници на Центар и на Крушево, Горан Герасимовски и Томче Христовски, а за останатите мораме да почекаме наредните денови за кога рекоа дека ќе излезат со проширена листа на имиња кои ќе трчаат по мандати во општините. Се споменува дека архитектот Мишко Ралев најверојатно ќе ја бие битката на СДСМ за Град Скопје. „Се водат некои разговори, но не зависи од мене. Голем предизвик е, чест е некој да ве кандидира да го работите тоа. Почетокот би бил да се поврзат луѓето во управата со една цел – да се подобри градот“, рече пред неколку дена Ралев. Сепак, од претходно е познато дека свои амбиции има и претседателот на скопскиот огранок на СДСМ и екс-директор на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, па останува да видиме како ќе пресече лидерот на партијата, Венко Филипче.

ВМРО-ДПМНЕ
Во ВМРО-ДПМНЕ се уште нема ништо конкретно кога се работи за главниот град, освен дека за кандидатурата се борат Орце Ѓорѓиевски и Златко Перински. Во последниот период се споменуваше дека меѓу анкетите се нашло и името на актуелниот градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски. Официјално од партијата на Христијан Мицкоски велат дека во тек се процедурите. Извршниот комитет на партијата веќе излезе со листа на 25 градоначалници кои ќе се тркаат на претстојните локални избори. Од нив избрани се за Аеродром, Дејан Митески, за Бутел e Дарко Костовски, за Ѓорче Петров е Александар Стојкоски, за Чучер Сандево е Зоран Бајовски, за Штип е Иван Јорданов, за Велес Марко Колев, за Свети Николе е Дејан Владев, за Карбинци е Виктор Паунов, за Градско е Киро Нацков, за Кавадарци е Митко Јанчев, за Гевгелија е Андон Сарамандов, за Зелениково е Коста Маневски, за Илинден Александар Ѓоргиевски, за Конче – Златко Ристов, за Делчево – Иван Гоцевски, за Ново Село е Ѓорге Божинов, за Василево е Славе Андонов. Дополнително за Босилово е избран Ристо Манчев, за Берово е Петар Ружински, за Петровец е Борче Митевски, за Битола е Тони Коњановски, за Охрид е Кирил Пецаков, за Вевчани е Спасе Кочовски, за Брвеница е Јовица Илиевски и за Јегуновце е избран Димитар Костадиновски.
Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски и официјално е потврден како кандидат за нов градоначалнички мандат во овој град. Останува само да биде финализирана соработката со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, на ниво на коалиција или пак, на ниво на неофицијална меѓусебна поддршка со гласови. За останатите општини и како ќе настапат од ЗНАМ, останува отворено во наредниот период, но, не се исклучува целосна поддршка за кандидатите на партијата на Христијан Мицкоски.
Политичката партија Левица започна со подготовки за претстојните избори со конституирање на Републичкиот изборен штаб (РИШ). Одлуката ја донесе президиумот на партијата, а за шеф на Штабот е именуван пратеникот и член на највисокото раководство на Левица, Сашко Јанчев. Од партијата порачуваат дека во изборната трка влегуваат со јасна цел: пресметка со локалните рекет, тендер и урбани мафии, за кои се зацврстени во управувањето со голем број општини под водство на партиите од власта и опозицијата. Како приоритет за овие избори, Левица ја истакнува потребата од институционална блокада на корумпираната локална власт, преку советнички влијание и кандидати за градоначалници кои, како што велат, нема да бидат носители на партиски багаж и интереси, туку личности со интегритет и визија за јавниот интерес.
Кај албанскиот блок, партиите веќе ги започнаа калкулациите за имиња на кандидати за градоначалници. Најжестока трка се очекува во општините Струга, Кичево, Тетово, Гостивар и Чаир. Од ВЛЕН за општина Струга се споменува името на Менди Ќура, но тој сè уште не го потврдил тоа. Исто така, од оваа партија како можни кандидати ги разгледуваат имињата на Бесник Асани и Петрит Положани.
Во Европскиот фронт се споменуваат имињата на Јетон Шаќири, Дашмир Насуфи и Фатон Положани, а тука е и Зијадин Села кој исто така би можел да се кандидира. Села пред неколку дена рече дека очекува кандидатот за градоначалник во оваа општина да припадне на неговото крило во Алијанса за Албанците.
Жестока трка се очекува и во Кичево, каде што досега се споменуваат тројца кандидати, а не се исклучува опцијата и за четврти. Веќе официјално својата кандидатура ја објави Шкодран Алили како независен кандидат. Во Тетово, како и секогаш, ќе биде жешка трка. Најверојатно Биљал Касами ќе биде кандидатот на ВЛЕН, Од Европскиот фронт се споменуваат имињата: Илир Демири, Фатон Ахмети или Бајрам Реџепи. Во Чаир засега се споменуваат две имиња од двата табора. ВЛЕН најверојатно повторно ќе оди со актуелниот градоначалник Висар Ганиу, додека од ДУИ најверојатно кандидат ќе биде Бујар Османи.
Н.П.