Почнува „Крај Вардарот Џез“: Три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови

од Nikola Popovski
182 прегледи

Денеска во едукативниот културен центар „Лабораториум“ се одржа конференција за печат во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, кој ќе се одржи од 20 до 27 април. Програмата се состои од 3 вечери и 5 концертни настапи, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.

Годинашното издание ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки се идејни творци на фестивалот. Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација не успеа да ја дочека.

„Иновативноста во градење на фестивалската програма е присутна како во творештвото на авторите кои настапуваат на фестивалот, така и во начинот на презентација на нивната музика. Ова е особено евидентно во годинашното фестивалско издание преку интердисциплинарниот пристап на програмата која ги надминуваат границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза“, рече Виолета Качакова, дел од тимот на КВЏ.

„Фестивалот е тесно поврзан со дискографската куќа „ПМГ Џез“. Со 47 изданија македонска џез, светска и современа музика, освен како издавачи, континуирано организираме концертни и слушачки промоции. Домашната музика станува достапна до меѓународни музички професионалци и куратори, кои го признаваат нејзиниот квалитет, преку низа награди за најдобри џез албуми и композиции на дел од изданијата за ПМГ Џез, доделени од музичките платформи „Bandcamp“ и „All About Jazz“. Непосредно пред почетокот на фестивалот „ПМГ Џез“ излезе со 3 нови изданија на изведувачи, кои ќе настапат на фестивалот“, објасни Качакова.

На самото отворање на 20 април, во Лабораториум, во 21 часот ќе настапат „Cobalt Code Unit“, фракција од четири млади музички аскети, кои успеваат да ја спојат традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.

На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна.

„Иницијална каписла за овој проект се заедничките спомени со сестра ми Тина и мирисот на липите, кој не потсетува на нашето детство и заедничката потреба да создадеме нешто храбро“, рече Дуња Иванова.

Веднаш потоа во 21 часот следи концерт на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски со музика на еден од стожерите на современата џез композиција – Кире Костов.

„Се што научив за музиката и свирењето научив од Шпато и од Кире Костов и многу сум врзан за неговото творештво. Владан и Мирко направија избор од негови компизиции, кои под мојата палка ќе ги изведе Биг бендот“, изјави Мирковски.

На 27 април во Лабораториум, во 21 часот, вечерта ќе започне со концерт на „Macedonian Free Society“, нов креативен, (о)слободен, инспиративен, предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез музика. Во 22 часот ќе започне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите проекти кој во форма на поетско-музички перформанс ја спојува македонската поезија со современа електронска музика. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од актерот Оливер Митковски, во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.

„Музиката и поезијата се во совршена симбиоза. Музиката на Салпе, иако е електронска има елементи и на џез и етно. Тој креира совршена таписерија од звуци, а нарацијата, поезијата ги крши сите клишеа. Целта ни беше да се сруши баналниот начин на интерпретација на поезија“, изјави Митковски.

Дробицки, кој заедно со Попов ја креираа програмата за годинашниов фестивал, вели дека основна водилка им била: „Да понудиме програма, која ќе се разликува од се што работевме досега – храбра и оригинална музика. Промовираме нови проекти, кои кокетираат со авангардните музички стилови- „Кобалт Код Унит“ и „Маседониан Фри Сосајати“. Со „Поетроника“ ни се виде интересен спојот на избрана македонска поезија и музичка подлога, сублимат на модерни електронски стилови. Како контраст, избравме камерен концерт со музика на една од најпродуктивните македонски композиторки Ана Пандевска во изведба на Дуња Иванова и надополнета со текст и нарација на Тина Иванова. Едновремено, му оддаваме почит на еден од најголемите македонски музичари, кој творел и работел во областа на џезот и оставил огромна трага во современата поп музика, господинот Кире Костов“, вели Дробицки.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар. Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна.

Билетите се достапни на следниве линкови: https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок карта)

https://bileti.mk/e/krajvardarotjazz24 (за 23 април)

https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzfest24 (за 27 април)

Слични содржини