Почнува постапка за измена и дополнување на статутот на ВМРО-ДПМНЕ

од desk2
105 прегледи

Согласно со објавените заложби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за почнување процес за измена на статутот на ВМРО-ДПМНЕ со цел зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата, партијата информира дека Статутарната комисија почнува постапка за измена и дополнување на статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Врз основа на фактот што внатрепартиската иницијатива за реформи во текот на јуни 2017 година има доставено до Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ предлог Декларација за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и предлог-измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме со свои претставници да учествуваат во работата на Статутарната комисија со цел усогласување на ставовите за предметните измени. Истовремено ги повикуваме сите тела на партијата, како и членови коишто сакаат да учествуваат во процесот на демократизација на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со свои предлози да се обратат до Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на ваквата постапка е постигнување поголема ефикасност на дејствување на органите на партијата, зајакнување на партиските органи и поголема независност во донесувањето на одлуките од страна на истите. Секоја промена ќе биде направена низ процес на отворен внатрепартиски дијалог и консултација, како и користење на позитивните искуства на демократските десничарски сестрински партии од Европа.