Годинашниот Преспа форум за дијалог, што ќе се одржи денеска и утре во Охрид, ќе го отвори претседателот Стево Пендаровски, а на првата сесија на високо ниво според најавите ќе говорат и претседателите на Словенија Борут Пахор, на Хрватска Зоран Милановиќ, на Косово Вјоса Османи – Кадриу и претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.
Преспа форумот за дијалог ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт врз импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко.
Дискусиите ќе бидат поделени по сесии и панели, на кои активно ќе земат учество претседатели на држави, премиери, шефови на дипломати/други ресорни министри, како и меѓународни експерти.
Потврдено е учество на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Вјоса Османи, словенечкиот претседател Борут Пахор, хрватскиот Зоран Милановиќ.