Првата фаза од Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија, што опфаќа целосната реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, почнува по новогодишните празници и ќе трае 18 месеци. Двата дома ќе добијат подобрена одржливост и енергетска ефикасност, што ќе придонесе за почиста животна средина и за финансиски заштеди, а истовремено студентите ќе добијат подобри услови за учење и живеење.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешното потпишување на договорот за рехабилитација на двата студентски дома, рече дека Проектот ги опфаќа сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид и се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
„Почнуваме со двата студентски дома во Скопје. Предвидена е промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија. Она што посебно сакам да го нагласам, е опремувањето на соби за студенти со посебни потреби“, рече Шаќири.
Реконструкцијата на студентските домови ќе се одвива во три фази, а процедурите за реализација на Проектот се водат согласно правилата на Германската развојна банка. Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип и студентскиот дом „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп. Во третата фаза ќе се реконструираат студентските домови „Кочо Рацин“ во Битола и „Пелагонија“ во Скопје како и мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Вредноста на договорот за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, што се потпиша денес, е 17 милиони евра.