Граѓаните добија препораки, државните институции задолженија, од денес во сила мерките за штедење струја.
Од денеска стапуваат во сила мерките за штедење електрична енергија со кои потрошувачката треба да се намали за 15 отсто.
Како што рече министерот за економија Крешник Бектеши кој ги соопшти и образложи мерките, пред нас е една од најтешките зими на енергетски план и сите заеднички треба да придонесеме за нејзино полесно пребродување.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, печатење само потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од обврските кои државните институции мора да ги спроведат.
Слични се и препораките за бизнис секторот – исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, користење дневна светлина за внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога за тоа има можност, ладење на производни објекти, хали и канцеларии со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, замена на старите сијалици со компактни флуоресцентни, редовно менување на филтрите на грејните тела, инсталирање топлинска пумпа како високоефикасен систем за греење, ладење и за подготовка на топла вода при градба на нови градежни објекти или реконструкција на стари, примена на нови технологии за подобри енергетски перформанси на индустриските постројки.
На домаќинставата им се препорачува вклучување бојлер по потреба и по можност на евтина струја, вклуќување на машините за перење и за миење садови само кога се полни и исто така на евтина струја, разумно користење на грејните тела, максимално користење на дневната светлина и топлината од сонцето, гаснење на сијалиците кога не се престојува во одередни простории, готвење во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата, кратко и интензивно проветрување на просториите.
-Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план. Мерките за штедење се креирани за полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки – рече министерот Бектеши на 16 август кога ги соопшти мерките.
Мерките ќе траат до 31 март 2022 година.
Кризна состојба
Владата пред неколку дена прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво. Двете одлуки ќе почнат да се применуваат од 1 септември и ќе траат 30 дена од денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки.
Првата одлука е донесена заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
Со денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки, како што соопшти вчера Владата, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојбата на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба.
Од почетокот на септември стапуваат во сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година. Комисијата за јавно-приватен дијалог ќе стане кризно тело преку кое Владата и бизнис секторот заеднички ќе делуваат во насока на справување со енергетската криза.
Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија.