Судењето на поранешниот полицаец од Минеаполис Дерек Шовин за смртта на Џорџ Флојд започнува во понеделник во Минеаполис со сложен процес на избор на порота.
Судијата одвои три недели само за избор на поротници, знаејќи за потенцијалните потешкотии во наоѓањето на непристрасни жители на Минеаполис во случајот што ја подели државата и чија жртва Џорџ Флојд стана меѓународен симбол на борбата за расна праведност.
Судот минатата година испрати анкетен лист на 16 страници до потенцијалните поротници, испитувајќи го нивното знаење за смртта на Флојд на 25 мај минатата година, по апсењето пред продавница.
Прашалникот содржи прашања од типот „Дали ги видовте снимките од неговата смрт?“, „Дали учествувавте во протестите што следуваа?“ или „Што мислите за движењето Black Lives Matter?“.
Адвокатите на Шовин се очекува да го оспорат изборот на поротници кои го поддржуваат движењето против институционалниот расизам во американскиот правосуден систем.
Одбраната на Шовин петнаесет пати може да го отфрли изборот на поротник без да даде причина, а обвинителите тоа можат да го сторат девет пати. Ако која било од страните се сомнева дека член на поротата е разрешен поради раса, етничка припадност или пол, тие можат да побараат од судијата да се произнесе поинаку.
„Потребна ни е пората која претставува спектар на ставови и мислења и демографски карактеристики на нашата заедница“, рече Валери Ханс, професор по право на универзитетот Корнел.
„Треба да бидат вклучени и луѓе кои можеби биле на протестите и имаат различни ставови за поврзани прашања“.
На Шовин му се заканува затворска казна до 40 години, а од страв од протести ќе му се суди во добро заштитена судница.