Почнува судењето за случајот „Пулс“, Обвинителството ќе докажува вина на 38 обвинети

Семејствата бараат правда, правосудството исправено пред најголемиот тест досега

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Семејствата бараат правда, правосудството исправено пред најголемиот тест досега. Почнува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“. Со илјадници докази на маса, Обвинителството ќе докажува вина на 38 обвинети, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.

Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

На прес-конференцијата што се одржа на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски нагласи дека секоја институција имала законска можност да го спречи или намали ризикот, но пропустите се надоврзувале и резултирале со катастрофални последици.

Полициски екипи ќе контролираат кој влегува и излегува од судницата, а екипи на итната медицинска помош ќе асистираат ако е потребна лекарска грижа. Од Кривичниот суд велат подготвени се за судењето. Ден пред стартот, се правеа финални подготовки и се проверуваше аудиоопремата.

Со главната расправа ќе раководи судијката Диана Груевска-Илиевска. Зад себе има 19-годишно судиско искуство, а претходно делеше правда во високо-профилирани судења против екс-премиерите Владо Бучковски и Зоран Заев. Судеше и во процесот за тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци во која починаа 16 лица.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.