Почнува тестирањето на хидросистемот Злетовица

од desk4
85 прегледи

Од утре штипската филтер станица ќе почне пробно да ја прифаќа водата од ХС Злетовица. Од нејзиниот квалитет и трошоците за  преработка ќе зависи дали Штип ќе користи вода од овој хидросистем или не, информира ТВ24.

„Јас побарав заедно со Владата на Република Македонија уште едно испитување да направиме за да видиме во каква состојба е водата. Дали можеме да ја прочистуваме, колку ќе чини тоа и на крај да ги направиме пресметките и да процениме дали ќе одиме со преземање на таа вода“, вели Благој Бочварски – градоначалник на Штип

За да може да ги прифаќа водите од Злетовица, Штип ја реконструираше филтер станицата. Тоа штипјани ги задолжи со кредит од половина милион евра, останатите беа обезбедени преку словенечки грант.  Сепак водите од Злетовица не стигнаа до штипјани.

Заматената вода од таму бара дополнителна преработка што ја прави прескапа. Проблемот се решава со изградба на дополнителни таложници но тие ќе ја чекаат втората и третата фаза.

„Со изградбата на втора, односно трета фаза тоа е за наводнување и енергетика, тој проблем целосно се решава со зафаќање на водата  од браната и цевковод директно носење во  зафатите за Штип и Пробиштип“, вели Миле Моневски – советник на директор на ХС Злетовица

Сега од Злетовица наместо шест со вода се снабдуваат само две општини од источниот регион, што ја прави целосно нерентабилна и покрај тоа што нејзината изградба досега чинеше над 100 милиони евра. И покрај најавите не се реализираа целосно ниту фазата за наводнување земјиште ниту изградбата на хидроцентрали за производство на електрична енергија.