Почнуваат карневалските свечености во Прилеп (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
178 прегледи

Околу 500 учесници од земјава со 20 групни маски и поединци ќе дефилираат в недела во центарот на Прилеп на 21-от по ред карневалот „Прочка 2023“. Главното карневалско дефиле ќе го предводат традиционалните маски „Прилепските мечкари“, како заштитниот знак на Прилеп.

Карневалските свечености по 21-пат ќе започнат утре напладне во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ со отворањето на традиционалната изложба на маски на учениците од основните и од средните училишта во Прилеп. За време на карневалскиот викенд градот подготви голема забава и за учесниците и за гостите.

Како што објаснува Снежана Ристеска, советник за култура во општина Прилеп, овие денови во градот ќе бидат во знакот на карневалот, маскирањето, умешноста во изработката на маски и големата забава со придружни занимливости.

– Активностите почнуваат утре со отворањето на изложбата на маски во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Изложбата на маските ќе биде пригодно отворена утре во 11 часот. Ќе бидеме сведоци на голем број оригинални креации на маски од вредните раце на учениците од основните и од средните училишта во Прилеп. Тие се нашите најмлади партнери и учесници кои ќе го продолжат да го негуваат ова богато културно наследство и да ја чуваат традицијата. Стручна комисија во три категории ќе ги одбере најдобрите маски: за маски изработени од ученици до 6-то одделение, во втората категорија се маски од ученици од 6 до 9-то одделение и за маски на средношколците, изјави Ристеска.

Слични содржини