Под мотото: „Обединети во слободата” ќе се одржат повеќе свечени и културни активности по повод 8.септември

од Vladimir Zorba
192 прегледи

По повод 8 септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија во организација на Владата на Република Северна Македонија, под мотото: „Обединети во слободата” ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.

Во 8:45 часот, премиерот Димитар Ковачевски со Владина делегација во состав: Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Беким Сали, министер за здравство Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, како и заменик министерот за правда Агим Нухиу, ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел” во Скопје.

Од 10:00 часот премиерот Ковачевски ќе присуствува на доделувањето ордени по повод 8 Септември од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во вила „Водно”.

Од 11:00 часот ве покануваме на настан во ГОБ „8-ми Септември” каде во знак на Денот на независноста, премиерот Ковачевски и министерот за здравство Беким Сали заедно со директорот на ГОБ „8-ми Септември” др. Христијан Костов, ќе присуствуваат на презентација на нов апарат за зрачна терапија на онколошки пациенти, по што ќе следат изјави за медиумите.

Во 19:30 часот, започнува Централната прослава на платото на паркот „Ибни Пајко” на која ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Планирани се и изведби на музички солистички нумери од познати пејачи и групи. Централната манифестација ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата на Република Северна Македонија.

Дополнително, од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка” ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца”, по што ќе следат и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Под мотото „Обединети во слободата”, во организација на Владата на Република Северна Македонија, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 до 20:00 часот ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии.

Сите заинтересирани граѓани ширум Републиката, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби” и „Хераклеја”, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.

Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ.

Во Скопје, ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Националната Галерија на Македонија.

Слични содржини