Поддршка од Брдо-Бриони процесот за итно отворање на преговорите со ЕУ, Скопје бара Софија да покаже европска големина

од Andreja Salpe
286 прегледи

ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и Северна Македонија, е еден од заклучоците во декларацијата на осумте претседатели од Западен Балкан меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски од десетиот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија.

Претседателот на Словенија Борут Пахор соопшти дека со заедничка декларација се повикува Европската унија да го види регионот на Западен Балкан како целина, а не само како одделни држави со кои преговара и оти треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање.

– Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите, рече Пахор на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Милановиќ, пак, оцени дека Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите, посочувајќи дека станува збор за условите кои и се поставени на земјата во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја.

-Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави, и на тоа, отворено ќе се спротивставам, изјави претседателот на Хрватска.

Претседателот Пендаровски на самитот Брдо-Бриони порача дека од круцијално значење е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија и оти на тој пат, е апсолутно јасно дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција. Евентуалните неуспеси на тој пат, вели, дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на Европската Унија и нејзиното влијание во регионот.

-Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат, рече Пендаровски.

Пендаровски кажа и дека претседателите на Хрватска и Словенија, Пахор и Милановиќ, се заложиле во наредниот период во рамки на Европската Унија да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот меѓу нас и Република Бугарија.

Премиерот Зоран Заев изјави дека верува оти ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија и упати порака директно, до претседателот Румен Радев и до техничката Влада во Софија, да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Северна Македонија да дадат шанса да го продолжи процесот за членство во ЕУ. Во интервју во дневникот на Националниот сервис, Заев при тоа се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите.

-Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото, оцени Заев и нагласи дека очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, по состанокот на Советот на министрите кога ќе се донесат одлуките.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека очекува засилен ангажман на португалското претседателство за спроведување на одлуката на Советот од март минатата година за отворање на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

-Имаме сигнали дека ќе има позасилен ангажман на португалското претседатлество. Бидејќи дипломатијата зад затворени врати, на некој начин, дава поголеми шанси, не знам колку е мудро од моја страна повеќе да кажам, меѓутоа, чесно е да најавиме дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое што мислам дека има добра волја. Далеку се географски, нивната позиција на чесен посредувач е јасна – сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март, минатата година, вели Димитров во интервју за емисијата „360 степени” за Алсат ТВ.

Тој посочува и дека има извесни и директни контакти на различни нивоа, директно македонско-бугарски контакти, за кои, вели, има изгледи тие да се засилат во претстојниот период.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на редовниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА во однос на идеите и предлозите за тргање на бугарската блокада, кои Мицотакис ги развил на средбата во четвртокот во Атина со Заев, уште еднаш ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

-Ние ја поддржуваме европската перспектива на сите наши соседи, на земјите од Западен Балкан, секогаш под предуслови и доколку се исполнети критериумите, одговори Пелони на прашањето на МИА.

Поддршката на Грција за прогресот на интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија, вчера ја реафирмирал и Русос Кундурос, новиот грчки амбасадор во Република Северна Македонија на средбата со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Груби, пак, ја нагласил потребата на спроведувањето на Преспанскиот договор, како и подготвеноста на Скопје да го реши спорот со Република Бугарија без никакво одлагање.

Очекување за што поскоро усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција за формално започнување на пристапните преговори во јуни оваа година, за време на португалското претседателство со ЕУ, е изразена на видео-средбата на министерот за надворешни работи Бујар Османи со шефот на чешката дипломатија Јакуб Кулханек, прва по неговото назначување.

Османи нагласил дека земјата останува посветени на реформската агенда, со посебен фокус на европските приоритети и на активностите за унапредување на добрососедските односи со фокус на Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка, и отстранување на разликите кои создаваат политичка недоверба. Воедно, Османи нагласил дека се надева на континуитет на дијалогот и со новата Влада во Софија.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел вечер во Брисел, очекува од лидерите од Западен Балкан да му ги презентираат своите ставови за политичката состојба и развојот во регионот.

Како што изјави портпаролот на Европската комисија Петер Стано, самото одржувањето на состанокот е важно затоа што Борел оценил дека немало такви состаноци меѓу високи претставници на ЕУ и Западен Балкан, и дека е „логично продолжение на дискусијата што министрите за надворешни работи на ЕУ ја одржаа минатата недела за регионот, кога дискутираа од поширок стратешки и политички агол за Западен Балкан, а не само за проширувањето”.

Слични содржини