Холандскиот премиер Марк Руте обезбеди поддршка од две третини од земјите на НАТО за да ја предводи воената алијанса подоцна оваа година, изјавиле двајца високи функционери за „Политико“.
„По многу интензивни дискусии меѓу сојузниците, сега дојдовме до точка каде што повеќе од 20 членки на НАТО се подготвени да го поддржат премиерот Руте како следен генерален секретар“, навел претставник на НАТО кој не бил именуван, за да може да разговара за чувствителни внатрешни дискусии, пренесе ХИНА .
Руте, кој води кампања за функцијата од ноември, е единствениот кој бил предложен од владите од 31 членка на Алијансата, рекоа официјални лица.
Според правилата на НАТО, за генералниот секретар мора да се одлучува со „консензус“, што значи дека Руте сепак треба да ја добие поддршката од сите преостанати земји.
Функционерот истакнал дека дискусиите „не се конечни“, но дека „зад неговата кандидатура има зголемен моментум“.
Се зголемува притисокот врз членките на НАТО да го одобрат Руте пред самитот на официјални претставници во Вашингтон во јули. Тој ќе го замени Јенс Столтенберг, кој е на чело на НАТО од 2014 година.
Амбасадорката на САД во НАТО Џулијан Смит минатата недела рече дека сојузниците треба да имаат за цел „да го завршат процесот на селекција веројатно во првиот квартал од оваа календарска година“.
Друг висок претставник на НАТО го потврдил бројот на земји кои треба да го поддржат Руте, велејќи дека околу 10 земји сè уште се воздржани во поглед на поддршката.