Додека Конгресот на САД се подготвува да ги потврди изборните гласови за победата на Џо Бајден на претседателските избори, илјадници луѓе се собраа денес пред зори во Вашингтон за да му покажат поддршка на претседателот Доналд Трамп и неговите обвинувања за изборна измама.
Трамп се очекува да им се обрати на своите приврзаници подоцна денес, по локално време, на митинг во близина на Белата куќа.
Организаторите планираат попладне да се упатат кон зградата на Конгресот, каде на заедничката седница на двата дома на тоа тело ќе се гласа за да се потврдат резултатите од Изборниот колеџ, кои Трамп продолжува да ги оспорува.
Се очекува повеќе истакнати приврзаници на Трамп да учествуваат во протестните настани што започнаа вчера.
Во порака на Твитер, Трамп изрази поддршка до демонстрантите.
„Вашингтон е преплавен со луѓе кои не сакаат изборната победа да биде украдена од охрабрените демократи на радикалната левица. На нашата земја ѝ е доста, не сака повеќе да трпи. Ве слушаме (и ве сакаме) од Овалната канцеларија“, напиша Трамп.