Подготвени сме за брзи и интензивни преговори, особено со оглед дека државата веќе има висока усогласеност со законодавството на ЕУ и 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, напиша шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи после првата посета на Работната група на Советот на ЕУ – КОЕЛА.
Османи потенцира дека С. Македонија е доверлив партнер на ЕУ во ова предизвикувачко геополитичко време и подеднакво важно е ЕУ конкретно да ги вклучи земјите од Западен Балкан во механизмите и мерките за надминување на последиците од војната во Украина, особено во поглед на енергетската стабилност на европскиот континент.
-Претставниците на земјите членки на ЕУ во Работната група на Советот на ЕУ надлежна за процесот на проширување и односите со земјите кои преговараат за членство – КОЕЛА (COELA) се во прва посета на државата, по одлуката на Советот на ЕУ досиејата на Северна Македонија и Албанија да преминат во Работната група КОЕЛА, надлежна за земјите кои се во преговарачки процес со ЕУ, заедно со Црна Гора и Србија, објави Османи на социјалните мрежи.