Младите уметници Филип Петрески и Виктор Рафајловски вчеравечер одржаа концерт во црквата „Света Софија“. Настапот на хармоникашот Петрески и пијанистот Рафјловски беше во рамките на „Подиумот на млади“ на фестивалот „Охридско лето“.
-Првпат настапувам на „Охридско лето“. Огромна е честа да се свири тука и особено на ова место. Поканата ми дојде како вистинско изненадување. Како изведувач, отсекогаш сум сакал да настапам на фестивалот. Со оглед дека е еден од најголемите фестивали во земјава и пошироко, го сметав за недостижен, но со самото искуство со годините, сѐ се достигнува, изјави Филип Петрески кој изведе дела компонирани во 21 век, најчесто од руски автори.
Филип Петрески е роден во Прилеп, каде го завршува основното музичко образование. Продолжува да учи во во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј’’ Скопје во класата по хармоника на проф. м-р Зорица Каракутовска, во чија класа дипломирана ФМУ-Скопје со највисока оцена “cum laude”. Во текот на своето образование редовно учествува на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство, како солист и член во разни камерни состави. Учествува во меѓународниот проект “WORLD ACCORDION DAY” (6-ти мај Светски ден на хармониката), а остварува настапи на концерти организирани од Музичка младина на Македонија, Фестивалот “Златна Лира”, Фестивал на млади хармоникаши и други. Филип Петрески е добитник на голем број награди и признанија на државни и меѓународни натпревари, од кои последната е неодамна, во јуни 2021г. – Златен медал во Италија на 12-иот интернационален натпревар за хармоника “ITALY AWARD”.
Неговиот колега, пијанистот Виктор Рафајловски кој изведе дела од Лудвиг ван Бетовен и Франц Лист. Иако е млад, тој се смета за еден од најталентираните македонски пијанисти кој совладува мошне сложени програми на својот инструмент.
Рафајловски учи пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’’ во класата на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Учествува на бројни натпревари на кои е носител на награди и признанија. Први награди освојува на Државните натпревари во 2010, 2012- 2015, 2017, а во 2019 и 2021 год. освојува специјални први награди. Како учесник на Меѓународни натпревари надвор од земјата победува во Аранѓеловац (2011), Врање (2011), ,,Даворин Јенко” – Белград (2014, 2020 – втора награда), на натпреварот „San Donna di Piave“ – Италија (2015), во Шабац (2016). Покрај тоа носител е на награди и на меѓународниот натпревар на млади пијанисти – Гевгелија (2011, 2019), ЕMCY– Скопје (2015), меѓународен натпревар „Полихимнија“ – Скопје (2017, 2018), ,,Охрид те сакам’’ (2018). На натпреварот „Охридски бисери“ 2012 освојува прва специјална награда, во 2018 втора награда, а во 2020 освојува прва специјална награда во својата категорија. Во 2020 год. Виктор Рафајловски учествува на повеќе реномирани меѓународни натпревари во Македонија на кои остварува високи резултати. На меѓународниот натпревар “Пијанофест – Битола“ освојува прва награда и е прогласен за Најдобар македонски пијанист. На меѓународниот натпреварот „Охрид те сакам“ освојува прва специјална награда во неговата категорија и втора награда на целокупниот натпревар. Учествува и на меѓународниот натпревар „Полихимнија“ – Скопје во 2020 год, каде освојува прва награда и е прогласен за Лауреат на натпреварот, при што учествува и на Мастер класот на Маестро Симон Трпчески, организиран од Фестивалот „Полихимнија“. Во јуни 2021 год. настапува како солист заедно со Македонската филхармонија на концертот ,,Младите доаѓаат’’, под диригентската палка на Маестро Сашо Татарчевски.