Претседателот на УМС и пратеник од редовите ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, Сергеј Попов, во 2014 година, бил фатен пијан зад воланот, со 1,43 грам промили алкохол во крвта, без дозвола за возење и притоа предизвикал тешка сообраќајна несреќа, повредувајќи невина жена, изјави денеска на прес-конференција Петар Здравевски од Левица и раководител на подмладокот на партијата.
Здравевски наведува дека „Попов е лицемерен“, бидеќи, како што вели, деновиве јавно повикува на протести против убијците и возачите кои удираат, повредуваат или убиваат пешаци, а и самиот е виновен за вакво кривично дело.
-Како може Попов да се дрзне да зборува за “системот кој убива”? Сергеј Попов, кој ги загрозува животите на другите, сега го користи своето криминално досие како платформа за нова политичка кариера. Тоа што повикува на протести е само обид да го прикрие од очите на јавноста своето криминално минато, користејќи ги трагедиите на другите луѓе за свој личен интерес, кажа Здравевски, потенцирајќи дека Левица бара од Попов да си даде неотповиклива оставка од функцијата пратеник и оставка од функцијата во УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Во пресудата што ја објавија од Левица стои дека Попов пред десет години бил осуден поради тоа што без возачка дозвола и под дејство на алкохол прегазил жена, која за среќа не го загубила нејзиниот живот.
Попов пред неколку дена, по смртта на младата Фросина Кулавкова, порача дека граѓанска должност на секој поединец е да го крене гласот против нефункционалниот систем.
-Убиството на младата Фросина е доказ дека главната борба треба да биде насочена кон тоа да добиеме судии и обвинители кои ќе ја вршат својата работа и нема да дозволуваат апсени криминалци да шетаат по нашите улици. Заедно со моите колеги од УМС, денес ќе се придружиме на протестниот собир пред Силбо, да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот кој убива, стои во објавата на Фејсбук на поранешниот лидер на УМС.