Подмладокот на партијата Левица вчера објави дека со лепење на плакат на табла, го преименува паркот „Украина“ во скопската населба Чаир, во неговото старо име „АСНОМ“.
-Паркот пред Општина Чаир, во кој во минатото беа изложени бисти на партизани од Народноослободителната Борба и кој ја комеморираше државотворноста на државата, именуван е во ,,Парк Украина’’ и со тоа стана уште еден пример во низата примери за систематско разорување на партизанското минато на Република Македонија. Во паркот се наоѓа и неодамна поставената биста на некогашниот претседател на САД, Вудро Вилсон, која во овој контекст ја дополнува тенденцијата на ширење на обележја кои ја означуваат нашата подреденост и статус на протектор и го оневозможуваат славењето на сопствената историја, објавија од опозициската партија.
Денеска со реакција се јави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој објави дека е пречкртана таблата со името „Украина“.
-Општина Чаир и јас како нејзин градоначалник најостро го осудуваме вандалскиот чин на таблата со името Парк Украина која се наоѓа на нашата територија, поточно во близина на општинскиот објект. Оценуваме дека ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот Украина што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава. Предметниот случај веќе го пријавивме до органите на редот и бараме што поскоро да се откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна, посочи Ганиу.