Подмладокот на Левица, Црвена младина отстрани еден од транспарентите „Македонија е бугарска“ кои осамнаа на влезот од бугарскиот град Благоевград.
-На денешното отварање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” во Благоевград, осамна транспаранет поставен од бугарски шовинисти на кој пишуваше „Македонија е Бугарска”, кој очигледно служеше за провокација и навреда. Нашите активисти кои денес беа присутни во Благоевград веднаш реагираа, го отстранија и фрлија навредливиот транспарент, велат од младината на Левица.
Како што претходно објави контроверзниот европратеник Ангел Џамбаски, „Благоевград е подготвен да го пречека Христијан Мицкоски“.
-Да го развееме бугарското знаме во 11:00 часот на споменикот на Гоце Делчев за да се спротивставиме на антибугаризмот од српските марионети од Скопје, објави Џамбаски, прикажувајќи фотографии од транспарентите со навредлива содржина.
Со тензии и големо полициско присуство во Благоевград на западот од Бугарија, отворен е културен клуб на македонската заедница што живее таму. Бугарската заедница во Северна Македонија претходно отвори два клуба во нашата земја, но наместо да ги зближат двата народа, тие предизвикаа нетрпеливост и негирање.