Поднесена кривична против Стоилковиќ за негирање и исмејување на геноцидот во Сребреница

од Nikola Popovski
201 прегледи

Политичката партија Бошњачки демократски сојуз (БДС) и Бошњачки национален совет (БНС) денеска поднесоа кривична пријава против Иван Стоилковиќ, претседател на Демократска партија на Србите во Република Северна Македонија (ДПСМ), за негирање и исмејување со геноцидот во Сребреница.

Како што стои во нивното соопштение, пријавата е во врска со изјавата на Стоилковиќ, по одлуката на Министерството за надворешни работи за коспонзорирање на Резолуција на Обединетите Нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница, при што, како што наведуваат, геноцидот го нарекол „некрофилски дизниленд“. Според нив, ваквиот говор на омраза е недозволен. Тие дополнуваат дека кривичната пријава ја поднеле за кривично дело „одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.

-Нарекувајќи го најголемото страдање на човештвото после Втората светска војна со терминот „некрофилски дизниленд“, каде што некрофилија означува сексуално задоволување со мртви луѓе, а дизниленд е најголемиот детски парк во светот и поим за детска забава, останува заклучокот дека Стоилковиќ геноцидот во Сребреница го доживува како сексуално задоволување врз мртвите деца и исмејување со страдањето кое овој народ го доживеал, стои во нивното соопштение.

Оттаму дополнуваат дека пријавениот поттикнува омраза кај припадниците на албанскиот народ во контекст дека истите издејствувале Министерството за надворешни работи да донесе ваква одлука, што за резултат има разорување на етнички страсти.

-Се надеваме дека обвинителството предметот ќе го процесуира и дека пријавениот ќе биде санкциониран а истото ќе биде опомена кон сите останати да се воздржат од вакви или слични грозоморни изјави, дополнуваат оттаму.

Претседателскиот кандидат Бујар Османи останува на ставот дека Македонија треба да биде коспонзор на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Вели дека е шокиран од реакциите дека ќе се нарушат односите со соседна Србија.

-Тоа е како Германија да реагира затоа што ние го осудуваме тоа што се случи во Холокаустот. Тоа е како да кажам да ние ги анализираме дали ќе се нарушат односите врз основа дали се осудува или не геноцидот. Дали се слушаме? Што зборуваме? Осудуваме убиство на 8000 цивили во еден ден. Зарем ќе правиме дебата во државата дали е тоа добро или лошо и дали треба да се осуди? Очекував Србија прва да гласа за да се отргне од тоа време, изјави денеска Османи на прашање на новинарите.

Слични содржини