“Поднесување кривични како што се оди во кафеана”- денеска Ременски и Спасов поднесоа вкупно 14 кривични

од desk3
89 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски на конференција за медиумите објави дека денеска до Основното јавно обвинителство Скопје и Основните јавни обвинителства во Берово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Радовиш, Ресен, Струмица, Штип и Битола, поднесов вкупно 13 кривични пријави.

remenski

“12–те кривични пријави се за 12-те разрешени директори на јавните установи за социјална заштита и уште една, ТРЕТА кривична пријава за дополнителниот заменик министер Диме Спасов. Дополнително, денеска до Советот на судии на Република Македонија поднесов иницијатива за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судиите од Управниот суд кои неосновано одлучуваа по тужбите и решенијата за времени мерки по предлог на тужителот. Сметам дека постапувањето на Советот по оваа иницијатива ќе придонесе да се спречи обидот за воспоставување на судска пракса во која Управниот суд ќе постапува по слични или исти барања и предлози за времени мерки за прашања кои не се во негова надлежност”, рече на конфернцијата за медиуми министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевкса-Ременски.

Таа појасни дека кривичните пријави се поднесени со докази за основани сомневања за злоупотреба на службена положба и овластувања на дополнителниот заменик министер, кој со своето постапување надвор од границите на своите законски овластувања поттикнал самовластие кај разрешените директори кои спротивно на закон и неповикани презеле дејствија за враќање на право за кое тие сметаат дека им припаѓа.

“Имено, по донесувањето на решенијата за времени мерки на Управниот суд дополнителниот заменик министер како тужител неовластено ги задолжил В.Д директорите на јавните установи да постапат по решенијата на Судот, а по неговите дописи до јавните установи следеле писмени барања од разрешените директори до овластени лица на установите (В.Д директорите), во рок од 24 часа да извршат примопредавање на сите материјално-технички средства, штембилите и печатите на установата. Дел од овие дејствија на разрешените директори се најдоа во билтените на полициските станици”, рече Ременски и продолжи:

“Ставајќи се над законот и над Судот, надвор од сите постапки кои се уште се водат пред институциите и не произвеле правосилност на одлуките, дополнителниот заменик министер и разрешените директори постапија спротивно на нивни права и обврски да го почитуваат законот и по којзнае уште еднаш потврдија дека партиската координација и одлука е поважна и од почитување на законите и институциите на системот. Ваквото постапување на директорите кои беа разрешени зошто не ја исполнија својата пропуштена законска обврска да го потпишат менаџерскиот договор и непостапувањето на дополнителниот заменик министер по неговата законска обврска не може да биде озаконето со решенијата за времени мерки на Управниот суд. Нема да дозволиме институциите и Судот со правото да го штитат неправото и незаконското работење!”.

Ташевкса-Ремеснки уште еднаш потсети дека зад наводниот хаос што други го сугерираат дека го прави, всушност се крие друга вистина-вистината за оставените долгови зад себе од страна на дополнителниот заменик министер.
“Го потсетувам дополнителниот заменик министер дека, би било добро следниот пат кога ќе зборува за грижата за граѓаните, за наводниот хаос во министерството и за редовното исполнување на законските обврски кон граѓаните да им каже каков хаос и долгови остави зад себе во министерството, колку граѓани останаа оштетени од неговото неодлучување по жалби и дали мисли дека со лажното душегрижништво што во континуитет го промовира ќе избега од одговорноста. Ако за него барањата на министерот, директорите, вработените во јавните установи и во министерството да работат по закон е хаосот за кој зборува, тогаш очигледен е стравот од откривање и пријавување на сите незаконски постапувања во изминатиот период до надлежните институции”, рече министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски.

Претхoдно, за поднесена кривична пријава се огласи и дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика. Во соопштението се вели:

dime-spasov-infomaks

“Поднесена е кривична пријава за случајот со незаконското именување за в.д директор на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Топанско поле разрешница од страна на техничката министерка Фросина Ременски. Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов поднесе кривична пријава против Фросина Ташевска – Ременски како службено лице кое врши работи од јавен интерес технички министер во Министерство за труд и социјална политика како јавна установа, која очигледно несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности при раководење со министерството, конкретно за овој случај.

Спасов денес одговори на новинарско прашање во однос разрешувањето на директорите на јавни установи. При тоа истакна дека покрај 15 тужби за незаконско работење и незаконско разрешување на 15 директори на институции кои што се покренати пред одредено време против техничката министерка Ременски до Управниот суд кои што се веќе во судска постапка и за кои што од Управниот суд има решенија за времена мерка, при што е поднесена жалба од техничката министерка до Вишиот Управен суд и за кои што ќе се чека на одлуката од Вишиот Управен суд па понатаму ќе се превземат одредени конкретни дејствија согласно одлуката на Вишиот Управен суд.

Дополнителниот заменик министер, Диме Спасов изјави дека покренува кривична пријава против техничката министерка Ременски за несовесно работење, односно за незаконско именување на вршител на должност, директор на Завод за рехабилитација на деца и младинци, лице кое што не ги исполнува условите согласно Законот и согласно Статутот на овој Завод.

Имено, медиумите претходно информираа дека Љупчо Кец Мицковски истакнат активист на СДСМ од Сопиште познат по скандали во јавноста е назначаен како вршител на должност на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје на 11.1.2016 спротивно на член 25 од Статутот на установата. Мицковски е дипломиран агроном-инжинер а според Статутот на Заводот за директор на оваа јавна установата се избира лице кое покрај општите услови предвидени во Закон, треба да исполнува и посебни услови, да има високо образование , 7-1 степен стручна подготовка од образовен профил: Дипл. Дефектолог, Дипл. Педагог, Дипл. Психолог, Дипл. Социјален работник или Дипл. Правник. Условите за назначување на в.д директор се исти со условите за избор на директор.
Со тоа, Фросина Ременски го прекршила Статутот на јавната установа Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и сторила кривично дело кривично дело „Несовесно работење во службата„ од член 353-в ст. 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Исто така со разрешувањето на претходниот директор Анета Стефановска и причинила штета со тоа што била разрешена од директор на Заводот како лице кое ги исполнува условите според законот.
Ременски тврдеше дека именувањето е законски и дека при именување на в.д директор важно е само лицето да е од редот на вработените во установата што не е точно.

Спасов ја повика техничката министерка дека и понатаму ќе се следи нејзината работа и и ја повика да престане да врши притисоци, реваншизам и закани врз вработените во Министерството и институциите под Министерството, да престане да ја бара вината кај сите освен кај себе.
Според него таа е веќе неколку месеци министер во Министерството за труд и социјална политика и редно време е да се зафати со реалните потреби на граѓаните и на институциите кои што се во надлежност под министертсвото.

Како што нагласи Спасов доколу Ременски изминатите неколку месеци ги посветела на проектите кои што се реализираат преку министерството и секојдневно ги следела секторите и институциите и давала конкретни рокови за постапување немало да има задоцнување и немало да има доцнење во јавните набавки во министерството, доцнење на проектите во министерството.
На крај заклучи дека граѓаните го познаваат овој стил на работа и на 24 април ќе го дадат својот глас за стопирање на ова деструктивно работење на функционерите од СДСМ.