Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека Србија ќе направи сè за да го зачува мирот во регионот, иако, како што рече, против Србија се води највалканата кампања и прогон во Приштина и Загреб, како и во Сараево и Подгорица. Во Требиње, каде што присуствуваше на церемонијата по повод отворањето на болницата „Свети архиѓакон Стефан – 9 јануари“, Вучиќ рече дека Србија избрала пат кој не е лесен за целиот свет во тешки времиња.
„Можевме, како и сите други, да се преправаме дека не постоиме или да се умилкуваме на моќните и силните. Србија отсекогаш била и ќе остане нешто повеќе од тоа. Ќе се грижиме да го зачуваме мирот. Мали сме, не можеме да држиме премногу злоба кон големите, но најдовме сила да ја кажеме вистината и секогаш ќе имаме сила да ја кажеме вистината“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека „на тоа сме обврзани од историјата на еден херојски народ“ кој, како што рече, „страдал за својата вистина во Балканските војни, во Првата и Втората светска војна и во војните од 1990-тите“.
„Подобро е да се живее како јастреб еден ден ,отколку да се криеш како глушец 100 години, тоа е нешто на што Србија е горда и нешто што е судбина на српскиот народ“, рече Вучиќ.