ШК Алкалоид триумфираше на 29. Екипно првенство на Македонија во шах кое од 15 до 21 август се одржа во Струга.
Со овој триумф, ШК Алкалоид во последниве 10 години бил 9 пати шампион (во 2020 година првенството не се одржа), а вкупно ова е 18. титула за „фармацевтите“, кои се најуспешен македонски колектив во овој спорт.
Годинава имаше и неколку други засилени екипи, па така во отсуство на БМ Кисела Вода, велемајсторот Кирил Георгиев играше на првата табла за Гамбит, како и Гостивар кој се засили со ИМ Дејан Стојановски и неколку хрватски велемајстори како Анте Сариќ, Анте Бркиќ и Ндерим Сарачи од Косово.
Во седумте одиграни кола Алкалоид имаше само еден изедначен резултат, со Гостивар, а славеше во останатите шест средби, односно освоија 13 од можни 14 бода. Второпласирани се шахистите на Гостивар кои имаат 11 поени колку и Гамбит, но имаат подобар скор на освоени поени во сите партии. Натаму следат ШК Прилеп со 8 бода, ГШК Куманово со 7 бода, Ан Пасан со 4 бода, додека Карпош и Центар освоија само еден поен во меѓусебниот изедначен дуел.
Ако на врвот немаше изненадувања, гледано поединечно победите на младите шахисти Андреј Велјановски над Кирил Георгиев и на Емил Ристески над Филип Панчевски претставуваат своевидна сензација, а еден од најмладите учесници, 14-годишниот Антон Златков, во 4 партии се избори за реми со противници кои имаат далеку повисок рејтинг.
Како поединци, од македонските играчи се истакнаа ИМ Дејан Стојановски кој на четвртата табла за Гостивар имаше 5,5 бода од 7 партии, како и 17-годишниот ФМ Емил Ристески, кој имаше ист скор на четвртата табла за Гамбит, но за нијанса послаб параметар на „перформанс“.
Со оваа победа ШК Алкалоид го најави и учеството на Европскиот клупски куп, кој е своевидна „Лига на шампионите“ во светот на шахот, а оваа година се одржува во Струга.