Измените на законот за градење кои поминаа на седница на Владата предвидуваат физичките и правните лица само да ги известуваат локалните власти дека ќе поставуваат фотоволтаици наместо како што беше досега, од нив да добиваат одобрение и решенија.
Апелирам до сите пратеници проактивно да се вклучат и да ги изгласаат овие законски измени веќе на следната собраниска седница, порача на денешната пресконференција министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министерот очекува по овој закон да се расправа уште на првата седница во септември.
-Фотонапонските централи можат да бидат поставени кај домаќинствата до 6 киловати и кај правните лица до 40 киловати, а на колективните згради може да се постават од страна на заедницата.Потребен ќе биде и имотен лист за објектот или договор со сопственикот на објектот, како и основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала.Приклучокот се приклучува до ЕВН, а контрола врз градбата ќе вршат градежните инспектори. Со ова би сакал да потенцирам дека излегуваме во пресрет на комортите, бизнис-секторот, компаниите и граѓаните, а неискористената енергија на домаќинствата се враќа во енергетскиот сектор, односно се впушта во системот, кажа Бочварски.
Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук профил, порача дека ова е доказ за посветеното работење на Владата за ублажување на последиците од енергетската криза.
-Креираме амбиент за граѓаните и деловната заедница да може да постават најбрзо, наједноставно и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја, напиша Ковачевски.
Информира дека процедурата која денеска е усвоена на Влада предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до 6 киловати и од страна на правни лица до 40 киловати.
-Ги поедноставуваме процедурите и клучно е што на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи. Со ова излегуваме пресрет и на бизнис секторот и на граѓаните, а помагаме на домашниот електроенергетски сектор, наведува Ковачевски.
Пораката од Ковачевски завршува со политичко-пропаганден апел:
– Испрати апел до пратениците проактивно да се вклучат во носење на измените во Законот за градење, порачува Ковачевски.