Поевтинува брашното, но поскапуваат чоколадите, кексите, мајонезот…допрва ќе се утврдува ефектот од обврската за двојазични етикети

од Vladimir Zorba
236 прегледи

Од следната недела брашното ќе добие нова пониска цена. Според дел од дисрибутерите во земјава со кои разговараше „Локално“, производителите веќе најавиле дека цената ќе падне за 10 % што значи дека еден килограм брашно би се продавало за 43-45 денари. Пресметките што во меѓувреме се прават, ќе покажат дали цената може да се намали за дополнителни 3 % ,односно да достигне цена од 40 денари за килограм. По јавно упатените зборови од страна на министерот за економија, дека цените на дел од прехрамбените производи мора да се намалат или ќе се повлечат субвенциите за електрична енергија, се очекува дополнително намалување на цената на маслото за јадење со што еден литар ќе се продава за 94 денари.

Ова е максималното намалување што може да се направи на овие производи бидејќи субвенционирана е само струјата но не и оперативните трошоци, работната рака, суровините од увоз..Субвенциите за струјата се за да се ублажи растот на цените но не и за враќање на цените на ниво како пред кризата. Се сочуваме со стагнација во производството и колку и да се обидуваме, не може да обезбедиме евтин производ. Треба да заборавиме на ниските цени на храната, рекоа дел од производителите за „Локално“.

Убави вести од друга страна не се очекуваат во однос на производите од увоз. Веќе се најавени нови поскапувања и тоа на мајонезот, чоколадите, бисквитите и хемиските производи.

Допрва ќе се утврдува и во која насока ќе се движат работите во однос на обврската која налага сите етикети на производите да бидат двојазични. Ова практично значи дека се уште немаат одговор многу од дилемите, меѓу кои и дали и колку таа ќе влијае врз цените. Првите реакции се очекувани, па според производителите и трговците оваа обврска значително им ги зголемува трошоците. Преводот, печатењето и лепењето на декларациите им ги зголемува трошоците за 1 денар по парче, или 2000-3000 евра месечно. Оттука, иако инспекциите на терен сеуште само опоменуваат, трговците бараат дополнителен период за прилагодување.

За да ги избегнеме казните, забрзано лепиме декларации на производите во продажните центри во центарот на градовите, а подоцна тоа ќе го правиме и во руралните средини, велат тие за Локално.

Вакви „главоболки“ единствено немаат компаниите кои и претходно, поради нивната извозна ориентираност, на декларациите покрај другите јазици го имаа и албанскиот. ВИПРО е една од компаниите која како што вели нејзиниот сопственик имала таква среќа.

„Ние сме извозно ориенитирани, а многу луѓе од поранешните југословенски републики живеат насекаде низ светот, но сеуште се “верни’’ на своите навики и го користат мајчиниот јазик. Етикитете на нашите производи се испишани на англиски, француски, како и на сите јазици кои се користеа во поранешна Југославија, меѓу кои е и албанскиот“, изјави за „Локално“, Виктор Петков, сопственик на ВИПРО- една од нашите најголеми компании за конзервирани производи од зеленчук и овошје.

Спред него, новата обврската ќе предизвика само дополнителни проблеми и трошоци за стопанствениците. Како пример за начинот на кој треба да се решаваат вакви работи, тој ја посочува праксата на развиените земји каде се даваат неколку години во кои постепено и процентуално треба да се одвива замената и прилагодувањето.

Министерот за економија Крешник Бектеши предупреди дека ќе има одговорност за сите нови набавки на производи доколку на нив нема залепено двојазична етикета а старите амбалажи нема да бидат предмет на проверки и контроли. Инспекцијата ќе ја врши Државниот пазарен инспекторат.

К.В.С.

Слични содржини