Францускиот фудбалер Пол Погба се уште ја отслужува казната за допинг и сигурно нема да се врати на терените пред март следната година кога ќе му истече осумнаесетмесечната суспензија, а кога ќе се врати тоа би можело да биде во дресот на Ал-Наср.
Светските медиуми пренесуваат дека поранешниот играч на Јувентус и Манчестер Јунајтед добил покана да се пресели во Саудиска Арабија и да стане соиграч на Кристијано Роналдо, но деталите за таа понуда не се објавени.
Како две други потенцијални дестинации за Погба се споменуваат Соединетите Американски Држави, каде наводно го сака Лос Анџелес, како и француската Лига 1, откако интерес покажал Олимпик од Марсеј.
За потсетување, поранешниот француски репрезентативец доби четиригодишна суспензија поради користење незаконски средства, но таа беше намалена на 18 месеци по жалба.
Откако беше утврдено дека користел допинг, Погба остана без договор во Јувентус, па сега е сосема слободен да си најде нова средина, а во моментот на истекување на казната ќе има 32 години.