Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Пол Погба го обвини клубот дека е виновен за неговото заминување. Неговиот договор истекува за две недели и веќе е објавена разделбата.
Сепак, на интернет е пуштена документарната серија „The Pogmentary“, посветена на францускиот играч. Во серијата Погба вели: „Сакам да му покажам на Манчестер Јунајтед дека згрешиле откако одложија да ми понудат нов договор. Сакам да им покажам на другите клубови дека Манчестер Јунајтед направи грешка откако не ми понуди договор“.
Во интерес на вистината, сепак, на „Олд Трафорд“ двапати му понудија да го обноват договорот.
Во предметната серија може да се види и поранешниот менаџер на Погба, Мино Рајола, кој неодамна почина.
Во една од сцените – од јули 2021 година, францускиот репрезентативец е снимен за време на одмор во Мајами. Двајцата го имаат следниов телефонски разговор:
Рајола: Пол, твојата ситуација е многу посебна. Немаш поим, немаш…
Погба: Дали дадоа втора понуда од Манчестер?
Рајола: Да, тие навистина сакаат да останеш. Но, за мене предлогот не одговара на нивните желби. Ако сакаат да те задржат, нема да даваат таква понуда. Ќе ги натерам да разберат дека ако навистина сакаат да продолжиш таму и да го изградат нивниот проект околу тебе, овој пат ќе мора да постапат поинаку и да ги стават парите на маса.
Погба: Блефираат. Како можете да му кажете на играчот дека навистина го сакаш, а во исто време да не му понудиш ништо? Никогаш не сум видел нешто слично.
На крајот, двете страни така и не се договорија, поради што играчот од средниот ред си замина како слободен играч.
Моментално е најблиску до враќање во Јувентус.