Поголемата безбедност на новинарите ќе се регулира со најавените законски измени

275 прегледи

На вебинарот насловен како „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“, заклочокот беше дека само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање на надлежност на обвинителството да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинарите и медиумските работници.

На ова се огласи и Министерството за правда на социјалните медиуми со укажување дека Кривичниот законик, заедно со ЗНМ и новинарскиот синдикат, набрзо ќе биде ревидиран со цел зголемување на безбедноста на новинарите. Во објавата Министерството дополнително забележи дека новите закони не се толку потребни колку што е нужно поефикасно постапување од страна на надлежните институции за истрага и санкција на нападите кон новинарите.

Една од целите на овој настан беше да се дебатира за начините како да се изнајдат решенија за институционална заштита на новинарите и медиумските работници а со тоа и да се придонесе во процесот на консултации предводени од Министерството за правда за измена на Кривичниот законик.

Министерот Маричиќ во своето излагање потенцираше дека Министерството за Правда веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик со бараните измени во кој ќе бидат вметнати и кривични дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите но и општо на медиумските работници.

„За изготвување на квалитетен текст во законот веќе одржавме состанок со претставниците од новинарската фела и новинарските здруженија, вклучително и Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот. Нивните предлози секако се добредојдени бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички и вербално да ги напаѓаат новинарите односно медиумските работници, ригорозно да се казнуваат “, истакна министерот Маричиќ.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во своето обраќање потенцираше дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество.

„Актуелниот тренд на напади врз новинари воопшто не ми се допаѓа, ми се чини дека влегуваме во една фаза на демократска рецесија, уште повеќе што евро перспективите на глобален план, поради проблемот со Бугарија се затвораат. Не би сакале да видиме ретроградни процеси, а овој тренд упатува на тоа. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана” додаде Чадиковски.

Шефот на основното јавно обвинителство, Сашо Рајчев, исто така еден од панелистите во своето обраќање на вебинарот ја истакна поддршката на овој процес од страна на обвинителството и даде краток осврт на одговорите на Кривичното право за заштита на новинарите во Северна Македонија. Рајчев потенцираше дека за суштински да се направат промените потребно ќе биде да се зголемат ресурсите на обвинителството.

Слични содржини